Архипункт е мало архитектонско студио од Скопје. Основано е од страна на архитектите Невенка Манчева Аџиевска и Марија Антиќ Николова и е замислено како пункт, место во кое се создава современа архитектура и дизајн.
Студиото е основано во 2014 год. во еден специфичен период за македонската архитектура, но не обесхрабрено од околностите, Архипункт ги набљудува локалните архитектонски феномени и одбира да им одговори, да им се спротивставува и на нив да влијае преку својата работа.
Под влијанија на локалниот модернизам и македонската традиционална архитектура, Архипункт се труди да создава комплексна, но едноставна архитектура. Комплексна во квалитетот и во содржината, а едноставна во материјалноста и изразот. Тежнее кон создавање приемчива и интуитивно разбирлива архитектура, пред сè функционална и логична, а притоа и естетски возбудлива.
Досегашната работа на Архипункт е главно фокусирана на проекти од резиденцијалната архитектура, станбени куќи и згради во и надвор од Македонија. Покрај тоа студиото работи и на проекти за ентериерно уредување на станбени и деловни простори и учествува во нивната реализација, со цел доследно спроведување на проектот до најмалите детали.
Дела на Архипункт се претставувани на Биеналето на Македонската архитектура БИМАС, од 2014 год. наваму, а во 2018 год. на истата манифестација е добитник на наградата за најдобар проект од областа на архитектурата за проектот Куќа Стаматовски.
Покрај стандардната архитектонска дејност, студиото организира и се вклучува и во други настани и работилници со цел подобрување на општите познавања за архитектурата. Таква е работилницата АрхиВики, работилница за збогатување на Википедија со содржини за архитектурата, организирана во соработка со Споделено знаење и МАРХ.
Невенка Манчева Аџиевска
Родена 1984 год. во Скопје. Дипломира при Архитектонски факултет Скопје во 2008 год., со дипломска работа на тема "Македонско село- сценарио за обнова: с. Штавица, Мариово". За време на студиите е ангажирана и како национален контакт за Македонија во ЕАСА (Европска Асоцијација на Студенти по Архитектура). Учесник е и на Летната школа за архитектура во Крива Паланка, под менторство на Хрвоје Њириќ. До 2009 е ангажирана и како надворешен соработник на предметот Основи на проектирање. Со магистерска диплома се стекнува во 2010 год. при универзитетот Сапиенца во Рим во областа на Здравствена архитектура. По стекнатото искуство работејќи како архитект во локални архитектонски студија, со Марија Антиќ одлучуваат своите визии за современа архитектура да ги реализираат преку основање на студиото Архипункт.
Марија Антиќ Николова
Родена 1984 год. во Скопје. Дипломира при Архитектонскиот факултет во Скопје во 2009 год., со дипломска работа на тема "Железничка колонија: Прототип за современо живеење". По дипломирањето ангажирана е на Архитектонскиот факултет како надворешен соработник во рамки на Архитектонското студио 1 и 2. Со магистерска диплома се стекнува во 2015 год. при универзитетот Политекнико во Милано на смер Самоодржлива архитектура и пејсажен дизајн, со магистерска работа на тема "Архитектурата како пејзаж: Агрикултурен центар во Тенерифе". По неколкугодишна работа како архитект во локални архитектонски студија, со Невенка Манчева одлучуваат своите визии за современа архитектура да ги реализираат преку основање на студиото Архипункт.
Соработници
Досегашни соработници на Архипункт ангажирани за конкретни проекти, како практиканти или како дел од работниот тим биле архитектите: Јорданка Саздовска, Ивана Пекевска, Емилија Лелифановска, Симона Чингоска и Сара Соколовска.